Музеј на Македонија


Музејот на Македонија е комеплексна институција која се состои од Археолошкиот, Етнолошкиот, Историскиот оддел и Одделот за уметност, а која денес се наоѓа на крајот од старата чаршија, под скопското Кале. Првиот Археолошки музеј во Македонија е формиран во 1924 год., а во 1945 год. е востановен Народниот музеј на Република Македонија. Музејските збирки биле сместени во Куршумли ан, во зградата на „Метропол“ (плоштад Македонија) и во една зграда на тврдината Кале, која биле урната во катастрофалниот земјотрес во 1963 год. Во 1949 година посебните одделенија во Народниот музеј се трансформираат во Археолошки музеј на Македонија и Етнолошки Музеј на Македонија. Почетоците на Историскиот оддел датираат од 1952 год., кога е формиран Музејот на НОБ. Во 1953 год. е основан Историскиот музеј на Македонија со формирање на посебно одделение за истражувањње на Илинденското востание од 1903 година. Во 1976 год.е изграден музејскиот комплекс во кои и денес е сместен Музејот на Македонија, а чија вкупна површина на изнесува 9560 м2. Во 1984 год. трите музеи се интегрираат во комплексна институција Музеј на Македонија - Археолошки, Етнолошки и Историски, во 1991 год. во рамките на музејот е формиран и посебен Оддел за уметност.


Локација

Музејот на Македонија се наоѓа на левиот брег од реката Вардар, во строгиот центар на градот.


 

Дејност

Основни дејности на музејот се истражување, прибирање, документација, презентација и публикување на муезјски материјал од наведените области. Покрај тоа, во рамките на музејот делуваат и кабинетот за нумизматика, антрополошкиот кабинет, лабораторијата за конзервација, секторот за едукација, како и одделението за маркетинг, чии активности се изработка и пласман на копии од најзначајните музејски експонати. Музејот исто така располага со добро опремена музејска библиоотека.


 

Музејски поставки

Музејот обединува колекции од : археологија, историја, средновековна уметност и етнологија, кои се изложени на простор од околу 6000 м2. Археолошката збирка ги опфаќа периодите од неолитот до средновековието низ артефакти кои потекнуваат од главните археолошки наоѓалишта, урбани центри и некрополи. Историската поставка ја претставува духовната, културната и политичката историја од османскиот период до крајот на Втората светска војна. Во Галеријата на икони се изложени најзначајните икони, иконостаси и фрескоживопис од поствизантискиот период и од периодот на преродбата. Етнолошкиот оддел ги презентира тематските целини од: народната архитектура, обичаите, музичките инструменти, носиите и накитот, везовите и ткаењата. Во рамките на музејот е и зградта на Куршумли ан, во која е поставена изложбата на камени споменици - Лапидариум.