Камен мост

Камениот мост во Скопје претставува една од најзначајните знаменитости на градот. Сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и старата скопска чаршија. Постојат две претпоставки околу датацијата на мостот.

 

Локација

Камениот мост сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и старата скопска чаршија.


 

Датација на мостот

Постојат две претпоставки околу датацијата на мостот. Според првата која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 год., во екот на градежните активности кои биле преземени низ сета Империја од страна на императорот Јустинијан I. Според втората претпоставка, која е поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на султанот Мехмед II Освојувачот (1444-1446;1451-1481 год.), во периодот меѓу 1451 и 1469 год. Мостот денеска се смета за симбол на градот Скопје и е главен елемент на грбот на Скопје, кој пак грб е насликан на знамето на Скопје во жолто-златна боја.


 

Обновување и санации

Низ вековите мостот претрпел повеќе оштетувања, што наложувало и конкретни зафати за неговото санирање и обнова. Познато е дека мостот настрадал од големиот земјотрес од 1555 год. кога биле разурнати или тешко оштетени четири столбови. Турскиот патеписец Евлија Челебија, кој престојувал во градот во 1660-61 год., го препишал од мермерна плоча натписот што бил поставен на мостот при неговото обновување. Во натписот е запишано:
Кога луѓето го видоа обновувањето на овој беспримерен мост, фалејќи го, рекоа: „Многу е поубав отколку што беше порано.“
 
Обновата била изведена 987 година по хиџра, односно 1579 год. Обновениот мост опстојувал пред почестите налети на реката. Но сепак, во 1817-18 год., за време на султанот Махмуд II (1808-1839 год.), била извршена нова интервенција, за која според податоците биле платени 28.816 гроша и 2 аспри. Интервенции за одржување на мостот се правени и подоцна. Така пред 1885 год. биле презедени градежни работи за обновување на арките и сводовите од североисточната страна, при што се употребени тули за сводовите и камени плочи за долните партии на столбовите. Низ сиот период, сѐ до 1909 год., мостот имал огради од камени плочи. Во 1895 год., којзнае по кој пат, мостот се нашол под ударот на силно надојдените води на реката Вардар, па во 1896 и 1897 год. биле изградени заштитни ѕидови на кејот, како една од мерките за регулирање на речниот тек во овој дел.
Од една денес изгубена камена плоча, која се до 1963 год. се наоѓаше на мостот, а чијшто врежан текст е препишан и така остана сочуван, дознаваме дека по наредба на султанот Мехмед V Решат, во 1909 год., било изведено проширување на мостот со помошта на метални конзоли, кои носеле тротоар од двете страни на мостот.
Во 1944 год. Камениот мост бил миниран од страна на фашистичката војска, но, со ослободување на градот било спречено активирањето на поставениот динамит и мостот бил спасен од уривање.
Со цел да се врати првобитниот изглед на камениот мост, почнувајќи од 1992 год. се започнати нови интервенции. Така, тротоарите врз железните конзоли се симнати, со што е добиена првобитната ширина на мостот. Реставрацијата на камениот мост сѐ уште е во тек.
 
Црквата Св. Спас е особено значајна поради својата мошне убава уметничка резба во која е изработен иконостасот, владичкиот престол, проповедниците, певниците и постолјето за целивање на икони.
Во архитектонски поглед иконостасот на Св. Спас му припаѓа на иконостаси на еден кат. Овој иконостас според своите уметнички квалитети спаѓа во редот на најубавите Мијачки копаничарски дела воопшто. Иконостасот е долг 10 метри и одговара на трите брода на црквата. Висок е 4,50 метри, додека во средниот дел каде што е поставен крстот со Распетието височината му изнесува 7 метри. Средниот дел е мапку вовлечен кон олтарот, а со тоа се нарушува рамнообразноста на иконостасот. На северниот и јужниот дел иконостасот се прекршува и продолжува по еден метар во должина од секоја страна, но со многу помала височина.
Според својата конструкција иконостасот се дели на пет хоризонтални појаси: постолје, галерија на престолни икони, архитрав, атика и акротерија. Резбата на конструкцијата е поинаква од оние делови што треба да ги исполнуваат рамните површини и празниот простор. Но, сите овие делови се поврзани со надолжни и попречни врски во дрворез и на тој начин се добива една конструктивна целина.

Мотивите на иконостасот, според сликарските прирачници, се позајмени од Светото писмо. Но, декоративниот елемент на разни сцени од Светото писмо не останал никогаш осамен, сето тоа е поврзано со лисја, цвеќиња, животни, и понекогаш со мотиви на геометриски орнаменти. Така, во сплетот на лисјата, цвеќињата, животните и геометриските орнаменти, е извајана Светата легенда со ликови од народот, понекогаш во мијачка народна облека. Такав е случајот со Соломеа во сцената Иродовата гозба, или пак случајот со Аврамовата жртва во Лозјето Господово. Богатството од разновидните мотиви и композиции од билниот и животинскиот свет, проткаено со геометриски орнаменти, работени во длабок релјеф и вплетени во композициите по текстот на Светото писмо, дава на показ богатство коешто сосема личи на кујунџиските изработки. Оттука, сето тоа прилега на огромна арабеска од тантела, каде што ни еден дел од ореовината не останал необработен; се трепери, и оддалеку делува мошне пријатно, извонредно.

Престолните икони, во најголем број, се работени заедно со иконостасот, и тоа го дознаваме од натписите што се наоѓаат на некои од нив. Две престолни икони се изработени 1867 година и на нив стои записот со името на дарителот и сликарот. Под престолните икони се наоѓа еден тенок корниз завиткан како јаже, кој ги разделува престолните икони од рељефно орнаментираниот долен фриз; тука се малите поли, малите „китабиња“. Нив ги има колку и престолните икони (десет). На нив ажурно се извајани разни сцени од Стариот и Новиот Завет, богато преплетени со лисја, цвеќиња и животни. Овој дел покрај ажурираните столбови и лунетите (архивилите) е најизрезбарениот дел на иконостасот.

Во годините кога тајфата на Петре Гарката го изработила иконостасот, таа ги изработила владичкиот престол, проповедницата, проскиниторот - постолјето за целивање на икони и двата аналоја - певниците. И на иконостасот и на погоре споменатите предмети главно владее барокниот стил. Но низ него помалку или повеќе се преплетуваат и други стилови. Со старите дрворезбарски творби на средновековната уметност, со позајмување на мотиви од готиката и ренесансната уметност, а потоа со натуралистички мотиви, композиции од рококо стилот и со мноштво мотиви од источната, Исламска уметност.
Така со спојувањето и преплетувањето на разните стилови, Мијаците создале единствен стил кој во првите години на својот развиток достигнал врв во копаничарската уметност. Иако релативно скромен по димензии, иконостасот импресионира со мајсторството на изведбата, со високиот уметнички квалитет и богатство на содржината, нешто што го става во редот на врвните достигнувања на копаничарската уметност.