Значајно место за трговија

Старата скопска чаршија, според досегашните сознанија, настанала во 12 век, како место каде се „одржувале големи манифестации и панаѓури на кои значајно место, особено во трговската размена, заземале дубровничките трговци. Како оформена урбанистичко - функционална целина се појавува кон крајот на 15 век, претворајќи се во своевиден организам кој живее и пулсира како средиште на занаетчиството, трговијата и сообраќајот, станувајќи главна движечка сила на целокупниот стопански и, не само стопански, живот на Скопје и место кон кое и од кое водат сите патишта. Скопската чаршија денес иако претставува само мал дел од огромниот „градски конгломерат“ е составен и незаменлив дел на ткивото на модерно Скопје, чии импулси на еден специфичен начин и натаму мошне добро се чувствуваат во неговиот современ живот.